Во Скопје по кратко боледување почина Мазлум Хасан, хуманист, филантроп, стопанственик и екс градоначалник на општина Центар Жупа.
Хасан во повеќе наврати поддржуваше македонски државни и други проекти кои се одвиваа во Венеција каде му беа стационирани дел од неговите бизниси.
Со негова финансиска и логистичка помош во повеќе наврати во последниве три децении Хасан обезбедуваше македонско учество на глобалната културна манифестација Венециско биенале.
“Македонија загуби еден многу вреден човек, Центар Жупа остана без еден од своите најверни роднокрајни вљубеници, неговото семејство и роднините од село Новак со смртта на Mazlum Hasan
загубија родител, сопруг, брат, другар, а сите ние дружељубив побратим.
Мазлум Хасан беше многу трудољубив градоначалник на Центар Жупа, достоинствен претставник на Турската заедница. Беше и кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Беше еден од иницијаторите за обнова на Спомен куќата на претците на Кемал Ататурк во село Коџаџик.
Мазлум беше единствениот иселеник од Македонија кој на нашата држава бесплатно и понуди простории за отварањето на првиот македонски конзулат во Местре/Венеција. Заедно со неговиот брат Munir Semsi и неговиот син Мифтар Хасан, помагаа за се што требаше за работата на конзулатот, но му помагаа и на секој македонски печалбар во северо-источна Италија, без разлика на статус и припадност.
Длабоко сочувство до најблиските за смртта на Мазлум, нека почива во мир на небото и во нашите вечни спомени на земјата!”, напиша пратеникот Антонио Милошоски по повод смртта на Мазлум Хасан.
На социјалните мрежи десетици луѓе се простуваат со човекот кој остави значаен белег на современата македонска историја.






