Одредбата од вашингтонскиот договор помеѓу Србија и Косово што се однесува на префрлањето на амбасадата на Србија во Израел од Тел Авив во Ерусалим не е во согласност со надворешната политика на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.



Портпаролот на ЕУ за надворешни работи, Петер Стано потсети дека политиката на ЕУ кон израелско-палестинското прашање е во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, според која сите земји членки на ОН треба да ги етаблираат своите амбасади во Тел Авив.

Ерусалим е предмет на преговори помеѓу Израел и Палестина бидејќи двете страни го сметаат градот за своја престолнина, а отворањето амбасада во Ерусалим како дипломатско претставништво во Израел за ЕУ претставува прејудицирање на конечното решение на израелско-палестинскиот спор и не е прифатливо.

Србија и Косово како земји кандидати за членство во ЕУ мораат да ја усогласат својата надворешна политика со таа на Унијата, потсетуваат во Брисел.