Кој што ќе добие: Почнува пазарот околу замениците-министри

Премиерот Зоран Заев викендов изјави дека сè уште не размислувал за замениците-министри, а неговиот заменик Артан Груби најави дека СДСМ и ДУИ ќе ги ротираат функциите во Владата.



„Следната седмица прв пат ќе размислам за тоа“, рече премиерот Заев за распределбата на замениците-министри.

Според Груби, пак, двете партии ќе направат размена, односно онаму каде СДСМ има министер, ДУИ ќе добие заменик и обратно.

„Сметам дека ќе има размена меѓу двете наши партии, со што преземаме поголема одговорност за да го искажеме нашиот капацитет и новите задачи“, најави Груби.

Според шпекулациите, ДУИ ќе има заменици-министри во министерствата за внатрешни работи, транспорт и врски, правда, здравство и одбрана. Исто така, се очекува да добие директорски места во МЕПСО, Агенцијата за државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, „М-НАВ“ и во Агенцијата за лекови „Малмед“, како што најави лидерот Али Ахмети минатиот месец веднаш откако беше објавен договорот меѓу СДСМ и ДУИ за нова владина коалиција

Беса, партнерот на СДСМ од предизборната колалиција „Можеме“, која доби едно министерско место во ресорот Земјоделие, очекува две позиции на заменици-министри, пренесе Слободен печат.