Пратеникот во германскиот Бундестaг, Грегор Гизи, од партијата „Левица“, смета дека зад наводното труење на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални стојат противниците на довршувањето на изградбата на гасоводот Северен тек 2, со кој Русија ќе ги удвои испораките на рускиот природен гас во Германија.
Во интервју за мрежата MDR Aktuell, Гизи смета дека Русија „мора да има право да се изјасни“ и потсетува дека Москва ветила отворање истрага доколку бидат веродостојно потврдени наводите за труење на остриот критичар на Кремљ.
Гизи предупредува и на прејудицирање на вината на Москва за наводното труење на Навални.
Тој прашува зошто рускиот претседател Владимир Путин би бил заинтересиран за ваква акција кога тоа неизбежно значи дополнително влошување на и онака крајно затегнатите односи со Западот.
„Путин би требало да биде многу глупав, за да го нарача тоа“, вели германскиот политичар кој се спротивставува на воведување санкции кон Русија.
Претеникот Гизи го поставува прашањето кој би имал полза од труењето на Навални и според него „апсурдни“ се верзиите за вмешаност на руската влада во инцидентот.
„Возможно е тоа да го направиле непријателите на гасоводот во Германија“, вели Гизи. Сторителот, според него, знае дека она што ќе се случи во Русија ќе создаде уште еден проблем во односите меѓу Москва и Западот.





