Две години условна казна затвор е судската пресуда за возачот на „цитроен крузер“, кој во сообраќајната незгода пред две години во Скопје усмрти 32-годишен мотоциклист и ѝ нанесе тешки телесни повреди на неговата бремена сопруга, која го загуби плодот.
Несреќата се случи на 12 октомври 2018 година на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Млечен ресторан, а за епилогот од судењето јавноста преку социјалните мрежи ја известија оштетената Наташа Апостолоска и таткото на загинатиот мотоциклист, Зоран.
Во уште неколку објави на Твитер во продолжение таа дообјасни:
„А обвинетиот не ни дојде да си ја слушне казната, тој испадна жртва на крајот од целата оваа постпака“;
„Единственото образложение кое го даде судијата е дека признал, а тој не ни дојде денес, а ни од ОЈО не дојдоа. Сè друго ќе образложеле во пресуда, со тоа што ми потенцираше дека за штета и трошоци ќе ми досуделе, како да тоа ми значи во животот кога го изгубив најсаканото, животот“;
„И самата сум јас адвокат, и адвокатот ми е посветен, навремено ги исправи пропустите од обвинителот, но сега најзначаен чекор е жалба на пресудата е да поднесат од ОЈО Скопје“;
„Ќе одам до крај со правна борба, а ако таква немаме, ќе бараме алтернативна мерка“.
Се огласи и таткото Зоран на Фејсбук:
Според билтенот на Министерството за внатрешни работи за тој ден, несреќата се случила околу 16 часот меѓу патничко возило „цитроен крузер“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од В.Ч. (61) од Скопје и мотоцикл „дукати“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Г.Д. (32) од Тетово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мотоциклот и сопатникот Н.Д. (31) од Тетово. Со возило на Итна медицинска помош тие биле пренесени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош. Околу 17:30 ч. Г.Д. им подлегнал на повредите, а Н.Д. била задржана на лекување и се наоѓала во животна опасност.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.






