Повеќе од дваесетина мажи и жени поставија импровизирани кревети од картон и фрлени душеци пред салонот за луксузни автомобили на Парк Лејн, на неколку метри од низата хотели со пет ѕвезди на една од најлуксузните улици во Лондон.



Еден дуќанџија, кој побара да остане анонимен, за „Дејли мејл“ изјави дека групата е „претежно од Романија“.

Тој вели дека иако се мирни, тој е загрижен дека групата „многу се зголемила“.

„Ги гледам само ноќе, не ги познавам многу, но вчера ги имаше многу. И наутро станувам порано да го расчистам нивниот хаос“, вели тој.

Речиси 15.000 луѓе беа сместени во хотели за време на карантинот поради коронакризата, кога владата ја започна шемата „Сите внатре“, според која локалните власти на островот требаше да згрижат луѓе со буџет од 3,2 милиони британски фунти, пишува „Дејли мејл“.

Мерката за хотелиерите да обезбедат засолниште траеше до јуни, но властите стравуваат дека и покрај финансирањето на владата, многу хотелиери ги исфрлија сиромашните источноевропејци на улиците.