Бугарскиот премиер Бојко Борисов му честиташе на Зоран Заев за изборната победа и за реизборот за премиер на Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба во Софија.
„Бугарија неуморно се залага за правото на граѓаните на Република Северна Македонија да бидат дел од европското семејство, рече премиерот Бојко Борисов во честитката до својот колега, пренесува Бгнес.
Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката за европската иднина на својот најблизок сосед, поттикнат од верувањето дека процесот на пристапување во ЕУ ќе биде клучен двигател за реформите и стабилноста.
Во честитката до Заев, Борисов додава дека двете земји треба да останат одговорни и посветени на исполнување на целите поставени во 2017 година со потпишаниот договор.
„ Во тој дух, искрено се надевам дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања наскоро ќе ги продолжи своите активности и дека членовите на Република Северна Македонија ќе покажат конструктивен став и јасна посветеност да се постигне согласност за прашањата што се дискутираат“, напиша бугарскиот премиер.




