Данскиот првак беше надигран во Скопје синоќа и требаше да загуби со поголема разлика, но и 1-0 се добри, а според статистиката, би требало да се и доволни за минување на Вардар во следното коло, а тоа е веќе плеј оф рундата во Лигата на шампионите. Ова произлегува по историјата на настапи на Копенхаген во последните 15 години во кои тимот на тренерот Солбакен правеше добри резултати, настапуваше и во групна фаза во двете елитни клупски фудбалски натпреварувања, но ретко, многу ретко успеваше да се извади од негатива по првиот меч.

Кога станува збор за Копенхаген, нема споредба со Вардар во бројот на одиграни средби во овие деценија и пол во Еврокуповите. Така ние имаме 39, а Данците вкупно, со скопскиот имаат 149 меча со 74 противници, плус македонскиот првак. Копенхаген во таа долга низа средби само во два случаја успевал да се врати од негатива по првите 90 минути. Првиот пат тоа беше во 2006. година кога од Ајакс дома загуби со 1-2, а на гости славеше со 2-0 за продор во групната фаза од ЛШ, а потоа слично направи со Розенборг со кого имаше негатива од 2-1 по мечот во Норвешка, а на Паркен стадионот мина со 1-0 и по правилото гол на гости, и одново за влез во натпреварите по групи во ЛШ.
Два случаја од многуте елиминациски соочувања. Премалку и може да биде показател, и добра насока за вардарци пред реваншот следната среда во Копенхаген.





