Владата ќе бара правична етничка застапеност и во приватните компании?!

Правичната етничка застапеност, како дел од охридскиот Рамковен договор, од јавните институции и претпријатија да се прошири и врз приватните компании, предвидува програмата на новата влада, за која ќе се дискутира денеска во Собранието.



„Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“, пишува во владината програма.

Ова е еден вид одговор на предизборната заложба на ДУИ за субвенционирање на 50 проценти од социјалните придонеси во наредните три години за секое ново работно место „што ќе ја подобри правичната и соодветна застапеност на сите етнички заедници во приватните претпријатија“.