Политологот Хелмут Норпот, професор на универзитетот Стоун Брук во Њујорк, еден од ретките што предвиде дека Доналд Трамп ќе победи на претседателските избори во САД во 2016 година, и тоа со 87 проценти, останува на својата прогноза за негов реизбор со 91 отсто!



Користејќи го т.н. Прајмариз модел, кој самиот го развил и кој се покажал успешен во предвидувањето на пет од последните шест избори, а го објаснува епилогот и на 25 од последните 27 циклуси, Норпот прогнозира убедлив триумф на Трамп над Џо Бајден од 362:176 во електорски гласови.

Научникот во пресметката на шансите на кандидатите ги зема предвид добиените гласови во т.н. прајмариз или прелиминарни внатрепартиски избори, наведувајќи го за пример Њу Хемпшир. Трамп на тамошната конвенција на Републикаците во февруари доби 85 проценти од гласовите, а најблискиот конкурент Бил Велд само 10 отсто. Бајден, пак, во Њу Хемпшир освои само 8,4 отсто од речиси 300.000 гласови на демократските делегати од оваа американска сојузна држава.

Норпот не ги зема за (нај)важни анкетите, кои во моментов му даваат предност од 9 отсто на Бајден, нагласувајќи дека таква и поголема разлика во своја полза имаше и Хилари Клинтон пред четири години, па на крајот во Белата куќа влезе Трамп.

„Никогаш не сум видел некој да стане претседател на САД, а на прајмариз во Њу Хемпшир да бил петти“, вели професорот.

Американските претседателски избори се закажани за 3 ноември.