Народна банка размислува повторно да ги одложи ратите за кредитите за граѓаните.
Конечната одлука се очекува да ја донесе Народната банка следната недела, откако деновиве ќе се консултираат и деловните банки.
На први октомври истекува мораториумот за шестмесечно одложување на плаќањето на ратите од кредитите на граѓаните, и доколку не се продолжи оваа мерка, граѓаните ќе мора да почнат повторно да ги плаќаат.
Се прават анализи во кои се земаат предвид состојбите со пандемијата од Ковид 19 и како таа економски ги погоди граѓаните, но и компаниите и во Народна банка размислуваат за продолжување на оваа мерка.
„ Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните и за стабилноста на банкарскиот систем“, велат од НБМ за ТВ 24.
И од Банкарската асоцијација велат дека се подготвени да излезат во пресрет на граѓаните доколку е потребно иако засега нема одлука за ново пролонгирање.
Нови економски мерки и продолжување на субвенциите за плати бараат игротеките, рестораните за свадби, ноќните клубови кои државата ги стави под клуч веќе шест месеци. Се бара и одложување на плаќање на сметките за комунални услуги, наемнини и даноци.






