До крајот на неделава ќе се знае каква корекција ќе претрпи цената на парното греење за наредната грејна сезона.
Регулаторната комисија за енергетика треба да ги разгледува забелешките од Балкан енерџи груп, односно нивните барања за зголемување на цената на топлинската енергија.
„Ги разгледуваме забелешките и одлука ќе донесеме до крајот на неделава. Целата борба е цената за граѓаните да не оди нагоре. Сепак, проблем прават исклуените од парно, околу 10 илјади домаќинства, кои од крајот на март минатата година не плаќаат ни денар за топлинската енергија. Сепак, ние ќе останеме на ветувањето што го дадовме на потрошувачите, а тоа е дека тие ќе бидат заштитени, односно врз нив нема да се одрази негативно ослободувањето на исклучените од парно, и нивните сметки нема да се зголемат поради овој притисок“, вели за Фактор Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Минатата година на 31 март беше донесена одлука исклучените од парно веќе да не го плаќаат паушалот што го оптоварува системот и ги зголемува трошоците.
Правото да не плаќаат важи само за граѓаните кои се исклучени и живеат во своите домови, не не и за оние што ги чуваат домовите празни.





