Пратеникот Иван Стоилковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, оценува дека епилогот на изборите само го потврдил фактот дека „Албанците, дефинитивно, се политички газди во Скопје“.
„Единствената партија на која по изборите треба да ѝ се честита на резултатот е ДУИ на Али Ахмети, бидејќи, покрај контролата на најголем број општини во Македонија каде што живеат Албанци и контролата врз добар дел на министерствата во Владата, успеаја да протуркаат и консензуален систем на одлучување, под плаштот на заканите од војна, судири и немири кај Албанците. Значи, на некој начин се заканувало со федерализација, а во суштина се работело за тоа да се дојде до консензуална демократија, бидејќи кога го имате тоа, имате контрола на целата држава“, изјави членот на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ за српската редакција на „Спутник“.
Сепак, Стоилковиќ, како што вели, не би зборувал за федерализација.
„Консензуалната демократија, иако и таа подразбира половичен начин на одлучување, на Албанците всушност им овозможува контрола на целата држава Македонија. Значи, на овие избори е потврдено она што и порано сум го зборувал – дека Албанците се, дефинитивно, политички газди во Скопје“, нагласува тој.
Според првиот човек на ДПСМ, Министерството за финансии е клучно.
„Тоа е министерството што контролира сè во оваа држава, па власта на Зоран Заев нема да биде во ситуација да ги контролира во целост сите финансиски и политички текови во земјата, пред сè поради тоа што првиот потпретседател на Владата што доаѓа од редовите на ДУИ има на некој начин врзан потпис со претседателот на Владата“, додава Стоилковиќ, за кого „отворена е Пандорината кутија на т.н. уставно преуредување на Македонија“.
Наспроти честитките за ДУИ, тој смета дека најмалку причини за тоа има за СДСМ и за нејзиниот лидер.
„Како некому можете да му честитате поништување на сопствената нација, уништување на унитарниот карактер на сопствената држава, формирање влада и победа на изборите ако го нарушил комплетниот уставно-правен систем? Не станува збор, значи, за никакви честитки, туку за црна лента на реверите на речиси сите граѓани на Македонија кога државата е во прашање. Оваа земја ја очекува многу тежок период, во кој треба да се задоволат сите тие различни интереси, но од друга страна е добро што српскиот народ по ниедна основа не учествува во сето она што се случува во Македонија, а што не е добро ни за државата, ни за граѓаните“, заклучува Стоилковиќ.





