Македонски организации, групи и поединци најавуваат поддршка за нов четиригодишен мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Македонците во светот го поддржуваат Доналд Трамп за претседател на САД и посакуваат унапредување на македонско-американските односи врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност!“, вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес (СМК).
Ана Дукоска, глобална координаторка на непартиското движење „Ние сме Македонија“, кое ги организираше протестите во над 40 држави во светот против промената на името, од јуни наваму води кампања на Твитер преку акаунтот „Македонци за Трамп“.
„Ние сме конзервативни Македонци од Република Македонија и го поддржуваме Трамп“, ја објаснува целта уште првиот твит.
Поддршка за реизбор на Трамп вети и српската дијаспора во САД. Организацијата „Српските Американци за Трамп 2020“ веќе е и официјален дел од коалицијата за кампањата за негов повторен избор.
Претседателските избори во САД се закажани за 3 ноември, а противник на Трамп ќе му биде поранешниот потпретседател Џо Бајден.






