Денеска истекува рокот од 10 работни дена, во кој граѓаните побараа да се повлече одлуката за повисока цена на струјата од 7,4%, а бидејќи тоа не се случи за утре се најавени протести, трети по ред по зголемувањето на цената на струјата, во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Прилеп и Битола.



„Мислам дека и другите градови во државата треба да се приклучат поради тоа што не верувам дека тие се многу богати и не им смета ова или не верувам дека имаат поевтина тарифа од овие градови”, вели Арианит Џафери, член на организациониот одбор за протестите за „Сител“..

Граѓанските здруженија бараат поевтинување на струјата за 46%, потоа да се формира независно арбитражно тело кое ќе ја контролира услугата, што потрошувачите ја добиваат од енергетските компании, но и да се укине Регулаторната комисија за енергетика.

„Почитувани граѓани, со оглед на тоа што РКЕ и Владата на РСМ до денес не одговараат на барањата на граѓаните, Скопскиот протестен совет, поддржан од Полицискиот сојуз, Синдикатот за образование, Конфедерацијата на синдикатите на РСМ и други граѓански здруженија и невладини организации, одлучија да продолжат со мирни протести против зголемувањето на цената на електричната енергија. Но овој пат без говори, но со блокади на крстосници, и тоа по моделот 2 крстоници по 2 часа, а потоа 4 крстосници по 4 часа итн“, се вели во најавата за протестот во Скопје.