Првиот човек на грчката армија во инспекција на македонската граница

Началникот на генерал – штабот на грчката армија генералот Алкибадес Стефанис во неделата бил во инспекција на грчките единици кои што ја обезбедуваат границата со Македонија во местото Лаимос во регионот на Лерин (Флорина).



Тој ја посетил 9-тата механизирана бригада „Адрианаполи“ во командниот центар кој што неодамна бил целосно реновиран и надграден од привремен во постојан објект.

Според објавата од грчката армија промената на објектот од привремен во постојан треба да го зголеми чувството за безбедност на локалното население и да го подобри системот за набљудување на регионот.

Според армијата инспекцијата покажала целосна борбена готовност на единиците стационирани во Лаимос.

Според познавачите на состојбите во Грција се работи за редовна инспекција на воените сили иако не се исклучува дека посетата може да е во контекст на најавите за зголемување на бројот на бегалци кои што минуваат преку Грција во Македонија и понатаму кон ЕУ.

Според грчките извори посетата на генералот Стефанис не треба да се доведува во врска со најавата за нови преговори за името или во врска со политичките односи меѓу двете земји како што тоа се случувало во минатото кога грчката армија неретко била користена како дел од меѓународните политики што ги водела официјална Атина.