„Никој не рекол дека е спорно што Нина Ангеловска имала пари во банка (добро, никој од релевантните коментатори, а нормално е многу „обични смртници“, кои одвај врзуваат први со први, да ѝ завидуваат на сумата од 250.000 евра). Млада е, паметна е, способна е, нека си заработува и нека ѝ се множат парите. Никој не рекол дека друг треба да ѝ кажува што да прави со своите пари и како да ги троши. И секако, никој не тврди дека Министерството за финансии е надлежно да спасува или да затвора банки“, пишува новинарот Героски во колумна за Плусинфо.
Но, за да биде поубедлива и за да одглуми жртва, министерката Ангеловска полемизира со овие непостоечки тврдења, а премолчува некои други, мошне значајни факти, вели Героски и прашува:.
Што премолучва госпоѓа Ангеловска?
Како министерка за финансии, таа била и е член на Комитетот за финансиска стабилност, со кој претседава гувернерот на Народната банка. Овој комитет расправал за случајот „Еуростандард банка“ и ги отфрлил предлозите на сопствениците за спасување на банката. Нема да ги коментирам предлозите. Нема да ги коментирам и ставот на Комитетот и одлуката на централната банка. Јавно искажувам бланко доверба за експертите од овие институции, бидејќи верувам дека при одлучувањето се воделе од „големата слика“, односно од потребата да се одржи стабилноста на финансискиот сектор во земјата.
Но, фактот што министерката Ангеловска не може да го скрие е дека Комитетот во кој таа членува расправал за судбината на банката на Трифун Костовски. Предлозите за кои се расправало биле такви што и на обичен лаик можело да му биде јасно дека банката е пред дефинитивен колапс.
Како член на Комитетот, Ангеловска за тоа знаела, пишува Героски и на крајот додава:
„ Јас и натаму верувам дека Ангеловска е паметна и способна и дека и во иднина ќе има успех во бизнисот, па ќе прави пари на кои многумина ќе ѝ завидуваат. Но, веќе немам доверба дека таа со истиот жар, посветеност и морална одговорност би можела да се грижи и за парите на даночните обврзници. Жал ми е, но така е“.






