Поради објективни семејни причини, претседавачот на конститутивната собраниска седница Талат Џафери денеска нема да го закаже продолжението на седницата, се вели во официјалното известување од неговиот кабинет.
Тој вчера на Фејсбук објави дека добил внук од ќерка.
Претходно Џафери за денеска попладне го закажа продолжувањето на конститутивната седница која почна на 4-ти август.
Џафери за ова ги известил сите парламентарни партии, а седницата требаше да заврши со избор на нов претседател на Собранието.
Џафери вчера изјави дека им дал задолжение на собраниските служби да подготват продолжение на конститутивната седница, но седницата не беше најавена на веб – страницата на Собранието.
–„Благословени и пресреќни сме по веста дека ќерката Бесиана на свет го донесе нашиот внук, Фрашер!- напиша гордиот дедо за новородениот внук од ќерка.
Двајцата се добро, на нас е да се радуваме на убавите моменти, пишува Џафери на ФБ.
Честитки за внукот доби од лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој денеска напладне треба да го добие мандатот за составување Влада од шефот на државата Стево Пендаровски.






