Цената на руската вакцина против коронавирус за меѓународниот пазар ќе чини најмалку 10 американски долари за две дози, соопшти претседателот на Бордот на директори на компанијата „Р-Фарм“, Алексеј Репик.
За телевизијата Русија 24 тој додаде дека првите серии веројатно ќе бидат скапи, а вакцината ќе поевтини кога нејзиното производство ќе достигне доволен индустриски обем.
Првата вакцина во светот за превенција од Ковид-19 беше регистрирана во вторникот од Министерството за здравство на Русија, а ја разви Научниот институт „Гамалеја“ заедно со рускиот Фонд за директни инвестиции.
Министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, соопшти дека вакцината ќе се произведува во институтот „Гамалеја“ и во компанијата „Бинофарм“.
Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека вакцината ги поминала сите неопходни тестови и оти формира стабилен имунитет, додавајќи дека таа ѝ била дадена и на една од неговите ќерки.





