Тунис да се заборави, Шпанија да се потисне, да се избрише од подсвеста. Како да не постоеле, како да не сме играле, зошто и нема што да извлечеме од двата последни меча на мундијалот. Бевме очајни, нерамноправни, наивни. Рестарт и фокус само на Бразил. На Светското младинско првенство денеска (19 часот) играме со кариоките натпревар кој би не оставил на северот на Африка за осминафиналето, а може и да не вивне до сериозно добар пласман. Ние сега можеме да бидеме само втори или да си одиме од Алжир. Ако ни се исполнат желбите и победиме, во следниот круг, во елиминациите би имале и релативно лесен противник од типот на Аргентина, Алжир, Саудиска Арабија, но секако сега не е време за такви проекции. Или можеби е, зошто добро е да се знае што е влогот, колку од 60. минути, добивате или губите.



Натпреварот Македонија-Бразил е последен во групата Ц и во ова петто коло и општо, и ќе решава директно бидејќи Русија нема да пропушти да слави со Буркина Фасо, како што впрочем и Шпанија со Тунис за максимални десет бода. Но и покрај тоа Тунижаните би останале пред нас, а ним ќе им се приклучи и Зборнаја, па триото ќе чека четврти придружник. Победа со Бразил ни овозможува 1/8 финале, пораз значи елиминација, реми ни дава шанса, но само под одредени околности.