Денес се навршуваат 19 години од загинувањето на десетте прилепски бранители кај месноста викана Карпалак на автопатот Тетово –Скопје во 2001 година.
Одбележувањето на годишнината почна вчера со положување цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, а на местото на трагичниот настан кај Карпалак нема споменик ниту пак во целост се исполнети барањата на бранителите.

На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово.
Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.
Беа убиени Сашо Китаноски (39) од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од Новоселани, Прилепско, Нане Наумоски (48) од Прилеп, Љубе Грујоски (31) од Пашино Рувци, Прилепско, Бранко Секулоски (42) од Прилеп, Дарко Вељаноски (27) од Ропотово, Прилепско, Горан Миноски (29) од Прилеп, Пеце Секулоски (29) од Бело Поле, Прилепско, Веби Рушидоски (26) од Прилеп и Ердован Шабаноски (20) од Прилеп.







