Најдоцна до 15-ти август да се смени нелогичната одлука за превоз на 50 отсто на патници во автобусите, а мерката субвенционирање на платите на туристичките агенции, водичите и превозниците, да продолжи бараат туристичките работници кои велат дека поради корона-кризата тие се еден од најпогодените сектори.
Нема никаква логика, како што велат, да остане протоколот за патување со автобуси затоа што со почитување на безбедносните мерки може да се организира патување.
Тие се лути на министерот Венко Филипче кој апелираше до граѓаните – да не се патува!
„Бараме под итно да се промени одлуката за превоз на 50 проценти на патници во автобусите. Ниту една земја од Балканот, па и светот нема ваков протокол, авионите летаат со комплетен и полн капацитет. Додека сите агенции во светот добија прилика колку толку да закрепнат, помогнати од државата, како нивен столб и помош, кај нас како таа да прави се за намерно да останеме на улица“, велат тие.
Доколку под итно не се превземат мерки за помош, секторот туризам најавува протести низ земјата и комплетна блокада на патиштата.






