По толкувањата во јавноста и новинарските написи дека „СДСМ и ДУИ си подадоа рака за нова Влада“ или дека „СДСМ и ДУИ веќе се договориле за Влада“, извор од СДСМ за 360 степени на Алсат вели дека писмениот партиски став по средбата Николовски-Груби не значи и дека е постигнат конечен договор.
Повеќе медиуми вечерва јавуваат дека СДСМ и ДУИ веќе се договориле за формирање нова влада, пренесувајќи го писмениот став од СДСМ по денешната средба на нивниот генерален секретар Љупчо Николовски со Артан Груби од ДУИ. Во споменатиот писмен став, од СДСМ велат дека со ДУИ се согласни за повеќе принципи на кои треба да се темели „евентуалната заедничка владина програма“, но во него нема ништо за тоа кој ќе ја води владата, со оглед на барањето на ДУИ за премиер Албанец, макар и само во еден дел од мандатот на новата влада, пишува „360 степени“ за кого извор во СДСМ вели дека писмениот став лиферуван по средбата Николовски-Груби не значи и дека е постигнат конечен договор за формирање влада.
Истиот извор не сакал да открие во која фаза се преговорите и дали има и кои се евентуалните проблематични прашања.
Средбата Николовски-Груби доаѓа по двата состаноци на лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.





