Државната изборна комисија (ДИК) донесе едногласна одлука за 100% зголемување на надоместокот за членовите на избирачките одбори, 20 отсто поголем надоместок да добијат членовите на општинските изборни комисии, а здравствените работници што учествуваа во процесот да добијат по 6.000 денари.



„Предложивме нашиот Правилник што го донесовме уште во февруари, да го измениме поради новонастанатата ситуација со кратките рокови со кои се соочивме при неколкукратното одложување на предвремените парламентарни избори, но и ковид-ситуацијата што сериозно можеше да влијае врз здравјето, пред сè, на гласачите, а со оглед дека станува збор за членови на изборни органи кои учествуваа во спроведување на изборите“, нагласи членот на ДИК, Елизабета Постоловска.

Таа рече дека едногласно се согласиле надоместокот за членовите на избирачките одбори да биде зголемен за сто отсто со оглед на тоа дека тие биле најдиректно изложени на контакт со гласачите и биле изложени на најголем ризик по нивното здравје. (НОВА ТВ)