Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска јавно му порача на Али Ахмети дека бројот на добиени пратеници што го има не е доволен за да добие премиер во новата влада.
Во исто време Заев испрати порака до ДУИ дека оваа партија не е единствен избор за формирање на влада туку дека владата треба да биде стабилна со поголем број на пратеници што не овозможува само коалицијата СДСМ – ДУИ.
За СДСМ покрај ДУИ во игра е парламентарно мнозинство и со Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Според него допрва треба да се види „дали може да се очистат одредени национализми”, за да може секој во таа идна влада да му служи на секој граѓанин.
Но, рече дека зависи со кого ќе формира коалиција најмногу и од следните постулати, кои ќе им ги постави на двете албански партии во преговорите за ново парламентарно мнозинство:
„Разговараме за расчистување на судството, од вгнездените сваровски судии, за истражување на стекнатиот капитал на сите функционери, зборуваме за помал број министри, за 20 проценти помала администрација, за генерална реформа на администрацијата, разговараме за економијата во прв план, за здравството, екологијата која е есенцијалната тема, ќе видиме со кого ќе се најдеме на патот во преговорите”, рече Заев.
“За премиер треба да се има бројки. Со 15 пратеници премиер не се станува. Опција имаме и за влада со ДУИ и за со Алијанса, тоа значи стабилно мнозинство. Бројките се доволно големи за стабилно мнозинство”, порача Заев по конститутивната седница на Парламентот.





