Полицијата сè уште трага по 16-годишно момче од Ресен кое вчера доцна попладне исчезна во водите на Преспанското езеро, во туристичката населба Претор.
Според полицијата, најпрво се превртела педалинка на која се возеле три деца, по што едно момче исчезнало, а случајот го пријавиле од Итната медицинска помош вчера околу 18 часот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека инцидентот вчера го пријавила Итната медицинска помош во полициската станица Ресен.
„Во 18,18 часот во ПС-Ресен, од ИМП било пријавено дека во туристичката населба-Претор, во водите на Преспанското езеро, исчезнал И. М. (2004) од Ресен. На лице место се упатени Служби“,велат од МВР.
Нуркачи трагаат по телото на тинејџерот, кој се претпоставува дека се удавил откако се превртела педалинка.





