Зекири по написот на „Коха“ за ротирачки премиер со ДУИ: Гладна кокошка просо сонува

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, објави статус на Фејсбук со пораката „гладна кокошка просо сонува“, која некои ја протолкуваа како одговор на написот во весникот „Коха“, во кој се тврди дека е постигнат договор со ДУИ за ротирачки премиер по принципот „три години СДСМ, една ДУИ“.



Висок функционер на СДСМ за „360 степени“ на Алсат-М изјавил дека објавеното во „Коха“ е „лажна вест“, дека немало разговори со никого за составување влада, кои ќе почнеле по 4 август, кога партискиот лидер Зоран Заев ќе се врати од одмор, како и дека партијата е против концептот за ротирачки премиер.

И организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, ја демантира „Коха“.

„Во моментот ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од нас. Воспоставените постизборни контакти со СДСМ и со другите партии се колегијални, пријателски, првични и со сигурност за доброто на земјата и на нејзините граѓани“, изјави тој.