Професорот Митко Б. Панов од Институтот за национална историја на денешната 1006-годишнина од битката кај Беласица се осврнува на односот кон царот Самуил во Бугарија, со акцент на бугарскиот поет Иван Вазов, пред и по 1878 година.



„Во време кога на 29 јули се одбележува 1006 години од битката кај Беласица, а научните дебати околу Самуиловото царство се повеќе се подредуваат на политичката догма, добро би било да се погледне како овој историски мотив бил восприеман во Бугарија во последните децении од 19 век.

Првата уметничка престава на битката на Беласица, всушност е сликата на чешкиот уметник, Емил Холарек (1867-1919), насловена „Враќањето на Самуиловите ослепени војници“. Холарековата визуелизација на поразот на Самуиловата војска (исто како и историографскиот конструкт на Јиречек и Дринов), била увезена во Бугарија и поставена на првиот меѓународен саем во Пловдив во 1892 г.

Во коментарите на бугарскиот печат сликата била оценета како трагична и херојска страница од бугарската историја. Меѓутоа, истата предивикала жесток револт кај бугарскиот поет и политичар Иван Вазов. Во неговите патеписни белешки „Во пазувите на Родопите“ (1892) тој ги осудил организаторите на изложбата за недостаток на “национална гордост”… Критиката на Вазов за „ужасната слика“, се состоела во оценката дека таа го „одразува најтрагичнитот и ужасен момент“ во старата историја и „националниот срам“. Острината на критиката на Вазов за непромисленото промовирање на „најцрниот и најодвратниот“ мотив од историјата на Бугарија е содржана во констатацијата: „Зарем не е доволно што сме несреќни да го имаме во својата историја, (Грците се гордеат со него), туку уште да го гледаме со љубов, репродуциран со уметност“. На крајот, Вазов чувствувал за потребно да додаде дека за среќа малкумина од посетителите „го знаат нејзиното значење, за да можат да им пролазат мравки по кожата!“…

Коментарот на Вазов дека само малкумина можеле да го разберат историскиот контекст на уметничката претстава, упатува на фактот дека Самуил во овој период се уште не предизвикувал посебни чувства во бугарската популарна имагинација. Впрочем, Самуил и Беласичката битка воопшто не инспирирале патриотизам во Османлиска Бугарија, што се потврдува од отсуството на соодветни мотиви во патриотски инспирираните уметнички претстави. Во ретките уметнички претстави во 70-те години од 19 век, заборавениот и игнориран Самуил бил портретиран како грд и омразен Ерменец, под влијание на мотивите од руската новела „Рајна“ драматизирани во истоимената театарска претстава.

Непознавањето на клучниот историски мотив од Самуиловото владеење кај посетителите на изложбата, добива дополнителна димензија, доколку се земе предвид дека на насловот на сликата било наведено самото име на царот, што само по себе ја содржело историската асоцијација. Малкумина, сепак, биле свесни за нејзинoто значење.

Емотивната реакција на Вазов била разбирлива, имајќи предвид дека самиот тој бил инспириран од ваквиот историски мотив. Неговата поема „Ноќта пред Валавица“ , најилустративно покажува како Вазов го замислувал Самуил и битката кај Беласица во 1885 г.:

„Празнува македонскиот император.
Шум, викот. Се пенат рујните вина.
Надвор е бура…џагорат знамиња.
Ноќта реве, бучи ужасен ветар.
…И мисли македонскиот император
дека го слуша во писокот на горскиот ветар
плачот на дваесет слепи полкови…“.

Поемите на Вазов публикувани во стихозбирката „Македонски сонети“ (1885) биле инспирирани од неговото откривање на историјата на Македонија, што самиот го констатирал: „Како национален идеал Македонија секогаш ми беше драгоцена. Во неа ја согледав дражта на романтиката, нешто многу далечно и многу убаво. Македонската историја и македонската природа ме восхитуваа подеднакво“.

Спојот на националниот идеал со „далечноста“ на Македонија, проследено со восхитот кој го предизвикувало кај Вазов откривањето на нејзината историја, сосема јасно се пресликува во неговото еволутивно замислување на Самуил со трансформацијата од првобитниот Божји грешник во амнестираниот трагичен македонски император.

Поетскиот израз на Вазов најдобро ги рефлектира состојбите настанати по формирањето на бугарското кнежество и реализацијата на рускиот проект за Голема Бугарија. Тоа ја наметнало потребата од изнаоѓање историски мотиви со кои ќе се легитимираат територијалните претензии кон Македонија. Како историски синоним за Македонија, дотогаш занемарениот Самуил по 1878 г. станал објект на историографско присвојување од страна на балканските националисти, со што требало да се оправда историското право на македонската територија. Самуил и историските ликови од Македонија станале инструмент за реализирање на националните агенди за решавање на македонското прашање!

Mitko B. Panov, The Blinded State: Historiographic Debates about Samuel Cometopoulos and His State (10th-11th Century) (Brill: Leiden/Boston, 2019), 259-264.“, напиша историчарот Панов.