Ненад Јовановиќ, граѓански активист, политолог, политички аналитичар и поддржувач на СДСМ, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 не виде никаков проблем што на „маршот за демократија“ на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива немаше ниту едно македонско знаме покрај тие на Албанија, на САД и на ЕУ.



„И да го нема македонското знаме, тоа не значи дека тие тука протестираат со некаква омраза. Тие не протестираат против Македонците, колку што разбирам јас, туку протестираат за некакви свои права. И башка одат пред ЕУ-инфоцентарот. Значи, немојте сега да ги симплифицираме и од погрешни интерпретации да создаваме некакви конфликтни собитија и премрежиња. Значи, можеби луѓето имаат некаков мек националистички призвук во самото шетање и марширање. Сепак, да не заборавиме дека идентификацијата на тие луѓе е во албанските каузи, кои во некоја смисла се питоми, човечки. Не се тие некакви воинствени, па ќе нè надвладуваат, ќе ни земаат територии. Тие наративи ги ‘вози’ опозицијата. Да не предизвикуваме сега ние некакви плашила или страшила“, рече кавадарчанецот во дебатата со Солза Грчева од Глас за Македонија.

Јовановиќ во октомври минатата година се „прослави“ со тезата дека македонскиот народ постои од 1945 година, а за него сите што одбиваат да го користат новото државно име со географската одредница се десничари и националисти.