Заветот на “поразениот победник” Али Ахмети – пишува Горан Момироски

Кога во 2001 година на една средба на тема “Што по вооружениот конфликт во Македонија” запрашав како западот планира да го интегрира командантот на ОНА кој давал наредби за убиства на војници и полицајци а единици под негова команда меѓу другите злосторства вршеа  киднапирање на цивилни лица добив одговор дека времето ќе покаже дека Ахмети од воен командант има капацитет да се претвори во модерен политичар од балкански ков.



Тогаш работев како портпарол на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации а еден од соговорниците во овој разговор беше висок западен дипломат кој се уште ги следи состојбите во земјава.

Според него тогаш Ахмети дал завет дека доколку му се даде шанса да ја води Македонија на рамноправна основа со македонските лидери тој со време целосно ќе се откаже од национализмот и ќе користи умерени и современи прозападни методи за политичка борба.

Повеќе други луѓе кои во тој период контактирале со него разбрале дека Ахмети по смирување на страстите од конфликтот од 2001 година  ќе се посвети на заштита на колективните права на Албанците но и на сите други граѓани преку социјалдемократијата како најблиска идеологија до него и луѓето околу него.

Речиси две децении подоцна Ахмети ризикува да го прекрши заветот за умереност даден пред пониски дипломатски претставници во едно од селата над Тетово а подоцна и пред други високи дипломати во Скопје. И со тоа да стане уште еден од низата балкански “Поразени победници”.

Во моментов според многумина Ахмети ги изневери очекувањата на креаторите на Охридскиот договор но и сопствениот завет  по кој му беше дозволено да стане единствен случај во Европа во кој воено крило на своевремено терористичка организација (според генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон) стана дел од легитимна политичка влада.

По три умерени граѓански изборни кампањи ДУИ без никакви реални причини се врати на изворен национализам и тоа не само како изборна реторика туку како системска среднорочна партиска поставеност.

Наметнувајќи доминантни национални прашања во ситуација кога ДУИ призна дека со Законот за јазици се исцрпени сите теми од Охридскиот договор, Ахмети создаде забуна кај тие што се уште темелно ги следат политичките процеси кои почнаа во 2001.

За мониторите на Охридскиот Договор никогаш проблем не биле моменталните изблици на национализам кај Ахмети. Такви имало повеќе и некогаш се правдале со паралелни изблици на  македонски радикализам а некогаш со радикализам на политичките ривали на ДУИ во албанскиот блок.

Проблемот за Ахмети сега е што враќањето на национализмот во ДУИ се случува како системска реторика која го труе јавниот политички дискурс во Македонија, кога има прва предизборна коалиција меѓу македонска и албанска партија, кога дури и Зијадин Села на моменти звучи како Улоф Палме.

Во исто време западни дипломати во Скопје се шокирани и лути на изјавите од Мала Речица кои прозвучуваат како да доаѓаат од некој што 20 години е во опозиција а не со ДУИ која 16 од последните 18 годни е дел од владата каде контролира најважно институции.

Во актуелниот македонски контекст странците се бесни на ДУИ и реториката на највисоките претставници дека се уште немаат доверба во институциите кои тие ги раководат веќе 20 години.

Делумно поради оваа реторика а доминантно поради повеќето досиеа кои ги водат, за дел од западните претставници во Скопје учеството на ДУИ во било каква идна влада ги намалува шансите за реформи во правосудството и борбата против корупцијата.

Посебна разочараност странците имаат за партискиот капацитетот на ДУИ да направи позитивна промена во економијата иако со години води повеќе министерства со силни стопански ингеренции.

Добро спакуваниот национализам на ДУИ кој кулминираше со генијалната дневно- политичка идеја за Албанец премиер немаше да биде  проблематичен ако беше инцидент со кратко траење.

Спорното за тие што ги мониторираат балканските етнички аномалии е што новиот радикализам на ДУИ не беше само изборна реторика  туку станува главен предмет на преговорите за создавање на владата а со тоа  се заканува да биде и централна тема на македонскиот политички дискурс наредниве 4 години додека се водат клучните преговорите за членство во ЕУ.

Уште поголем проблем за странците е тоа што  враќањето на  ДУИ кон национализмот се случува откако партијата со западна помош во последниве 4 години  мина низ темелен процес на стратешко планирање и анализа, процес во кој се прифатени постулати за иднината при што бил донесен заклучок дека откако се остварени најголем број од барањата на Албанците на сметка на етничкото треба да се работи на граѓанското.

Во регионален контекст за мониторите е најчудно што Ахмети се враќа на своите политички корени во ситуација кога САД и ЕУ секоја од своја позиција се обидуваат да го решат претешкото Косовско прашање и кога во игра е и сценариото за размена на територии што може да го вжешти балканскиот буре барут.

Во моментов се уште не може да се потврди цврста врска меѓу обидите на дел од западните дипломати во Скопје да го изолираат ДУИ во преговорите за новата влада и поканата Ахмети да сведочи пред Трибуналот во Хаг кој  се обидува да санкционира воени злосторства на Косово од 1999 и 2000 година.

Она што оди во прилог на тие што се убедени во западниот план за “АнтиДУИ” владеачка коалиција во Макеоднија е времето во кое Ахмети ја доби поканата за Хаг.

Во едни други времиња кога Ахмети беше користен за зауздување на други процеси и политички сили тој поканата ако воопшто имаше таква, ќе ја добиеше откако ќе влезеше во владата. Факт е дека Хаг ако сакаше можеше да почека до изборот на нова влада но тоа не се случи.

Со ова се отвараат две круцијални прашања поврзани со Ахмети.

1. Дали судот за Косово во Хаг се користи за да се казни Ахмети за националистичката агенда во Макеоднија

2. Дали трибуналот но и тие кои што стојат зад него имаат дилеми за статусот на Ахмети откако ќе го даде своето сеќавање како сведок на настаните за кои се гонат Хашим Тачи и десетина негови соработници од пред 20 години.

Според најавите од Косово има три можни сценарија за статусот на Ахмети по сведочењето во Хаг.

1. Да ги потврди ставовите на Тачи и своите некогашни браќа по оружје за кои веќе има многу докази и со тоа да се судри со моќните западни центри на моќ кои се во позадина на процесот

2. Да ги потврди наодите на Трибуналот и да влезе во конфликт со своите екс воени другари

3. Да остане настрана, се прави дека “не е одавде”  и да се обиде да каже дека нема никакви информации за наодите на обвинението.

Третата опција е најпосакувана но и најтешка за спроведување затоа што трибуналот има десетина илјади страници индиции за ситуации во кои и Ахмети бил сведок или информиран за настаните како дел од водството на УЧК на Косово.

Дека ситуацијата за Ахмети е покомплицирана дури и од моментите кога во 2001 година Сухоите со бомби од 500 килограми летаа над неговиот штаб во Шипковица покажува и датумот кога Ахмети треба да се појави во Хаг кој сите го кријат.

Доколку датумот за негово сведочење е деновиве и тој е одложен поради двајцата позитивни на Ковид19 министри на ДУИ (Адеми и Бектеши) со кои ризичниот Ахмети бил во контакт, е една работа и тоа треба да е причина за загриженост во Мала Речица.

Доколку датумот е закажан за август или септември е сосема друга работа и остава простор дека сепак Ахмети не добил црвен туку само жолт картон.

Дека во ДУИ ги примиле пораките за “излегување од колосек” може да се види и од реакциите на Бујар Османи и Артан Груби кои по пост-изборниот триумфализам почнаа да ја “спуштаат” топката.

Она што во ДУИ сепак не можат да го видат најјасно е дека враќањето на стариот колосек и продолжување на мирниот пат кон ЕУ не е можен од најмалку две причини:

1. Колосекот е променет, шините сега се проширени а правецот не води само до ексклузивни етнички средини и прашања туку до проблеми кои ги имаат сите граѓани а не само Албанците
2. Претешкото партиско досие во кое Нефи или зградата во “Мавровка” се само врвови на сантата мраз, која полека се топи.
3. Косовското прашање ќе се решава без разлика дали Ахмети дава или не дава гаранции за (не)промена на македонската граница

Во врска со точката број 3 треба да се следат влијателни косовски извори кои Ахмети го посочуваат како човекот кој забил нож во грбот на планерите на решението на Косовскиот јазол со тоа што не дал беса дека размената на територии меѓу Србија и Косово нема да влијае на линијата на која сега се поставени македонските гранични камења.

За врвот на ДУИ очигледно не е јасно дека со или без Ахмети, со или без измени на српско-косовската граница Македонската граница нема да биде променета.

Освен ако тоа не се случи по пат на војна, опција за која  мислевме дека е далеку зад нас.