„…
Лидерот на СДСМ има право да ги употреби сите легитимни средства за да ја оствари посакуваната цел, да се врати во премиерскиот кабинет. Тоа е смислата на оваа политичка игра. Изборите не се избор на мис или мистер Македонија, тие се начин граѓаните легално и легитимно да ја предадат власта од своите во рацете на еден човек или на една „структура“, што би рекол Заев.
Да повторам, сите легални и легитимни средства за освојување на власта се оправдани.
Но, на човекот чија уста е полна демократија и европски вредности, овој пат не би требало да му се прости ако во битката за составување на парламентарно мнозинство бидат употребени и нелегитимни средства, како што се притисоците и поткупот на пратеници од противничкиот табор.
Сосема друго е прашањето за политичката цена што Заев и СДСМ се спремни да ја платат за да се вратат на власт. За тоа ќе коментираме тогаш кога ќе се обелодени пазарот. Во меѓувреме, на оваа тема нека размислуваат раководството и видните членови на оваа партија. Тие се на потег.
Неколку пати на Заев му беше простено за Макијавелистичката употреба на нелегитимни методи за остварување политички цели. Највпечатлив пример за тоа е усвојувањето и легализирањето на Преспанскиот договор, што се случи со пресудната поддршка на осум сомнително „мотивирани“ опозициски пратеници.
Валканата операција за придобивање на овие осум гласа „за“ беше премолчана, поради објективното постоење на т.н. повисока цел. Сите на кои ни беше најважно да се прескокне најголената пречка на патот кон Европа, тогаш ги спуштивме главите и ја проголтавме кнедлата.
Сега, наспроти упорните обиди на Заев неговиот посакуван втор премиерски мандат да го прикаже како прашање на демократијата и на европската иднина на земјата, треба јасно да му се каже дека таква „повисока цел“ во овој момент не постои“.
Од колумната на новинарот Бранко Героски за „Плусинфо“





