Во својот воведен говор во случајот „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски алијас Боки 13 откри дека во своите операции имал поддршка уште од еден висок владин и партиски функционер на СДСМ кој досега малку се споменуваше во врска со него.
Се работи за вицепремиерката за економија и екс министерка за труд и социјала Мила Царовска која била врска меѓу пензионерка која добила фантастичен хонорар и битолски бизнисмен.
Според Јовановски соработката со ГП Пелистер и Силјан Мицевски се случила преку посредници.
“Во доказната постапка ќе слушнете како Мила Царовска, пензионерката со проектот ја упатува кон мене. А бизнисменот Ардијан Амзовски, доколку не го видеше Александар Кирацовски, немаше да го прифати проектот”, изјавил Бојан Јовановски пренесуваат медиумите.
“Парите кои се уплаќани кај Љиљана Тодоровска и Јасна Мандиќ се за авторските права за идејното решение за што се е легално и имаат платено данок. Поддршка имав и од Мила Царовска тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс премиерот Зоран Заев”, тврди Јовановски пред судот.
Тој истакна дека невладината функционирала како министерство за социјала.
Јовановски тврди дека нема никаква измама и постојат правни акти, потпишани преддоговори и договори и со двете фирми на бизнисмените.
“Кога ќе ги пролистате договорите ќе видите дека не постои никаде дека Бојан напишал во договорот еве јас се обврзувам да ви обезбедам градежно земјиште”, рече Боки 13.
Убеден е дека ако имало измама бизнисмените немале да бидат фини со него до апсењето.
“Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски ниту се мали деца, ниту деловни неспособни за да бидат измамени. Дека не постои измама говори и фактот на мојот коректен однос. На 15.7.2019, дента кога бев уапсен кога тргнав на одмор, разговорав со Мицевски. Ми рече – Бојанче нека ти е среќен пат на одмор, ќе се видиме кога ќе се вратиш. Замислете со човек што си го измамил да ти посакува убаво да си поминеш на одмор”, рече Јовановски.
Тој зборуваше и за пензионерката Лилјана Тодоровска, на која од Мицевски и биле исплатени околу 720 000 евра за кои обвинителството тврди дека се кај Јовановски
” Обвинителството ќе каже дека парите завршиле во мојот дом и дека имало некаква фотографија. Но, има и други слики и затоа барам да се извештачи во целост мојот телефон” , рече Јоваовски.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, покрај Бојан Јовановски-Боки 13, обвинети се и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.






