Ракометните јуниори денеска имаат многу важен и секако, тежок натпревар на Светското првенство во Алжир. Од 19 часот играме со непоразената по три кола Шпанија која до сега не покажа слабост и забележуваше убедливи триумфи, за разлика од Македонија која тргна уверливо со Русија и Буркина Фасо, а потоа киксна со Тунис. Компликувана е нашата ситуација во групата Ц, а ќе биде уште покомпликувана ако денеска не приредиме изненадување, зошто во тој случај ќе дојдеме во позиција в понеделник со Бразил се да се решава и да играме меч за останување или заминување. Но за тоа потоа, по средбата со Шпанците кои и пред мундијалот беа вбројувани како еден од главните фаворити за медал, па и за златото.



Во составот на Илија Темелковски денеска ќе го нема крилото Јагуриновски, но очекуваме бековскиот тандем Талевски-Кузмановски да биде мотивиран, да проработи и да ни донесе радост, која во истиот миг би значела и пласман во осминафиналето. Освен нашиот меч со Шпанците во денешното четврто коло во третата група на Светското младинско ракометно првенство во Алжир играат и Тунис-Русија односно Бразил-Буркина Фасо.