„Ќе поднесеме тужби за сите изборни места каде што вкупниот број на гласови е поголем од излезноста, но и за сите мртви луѓе што гласале, иако знаеме дека судовите се на ДУИ“, рече Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците(АА) во најавата дека Алијансата на Албанците ќе се жали пред Управен суд откако синочќа ДИК отфрли над 1540 приговори на АА која на изборите настапуваше во колиција со партијата Алтернатива.
Генералниот секретар на Алијансата и претходно изјави дека приговорите се однесуваат на купување на гласови и полнење на кутии на избирачки места во петтата и шестата изборна единица.
„Во Зајас, ако утре се направи попис, нема да има ни една третина од луѓето кои гласале. Како е можно тие што што не се во земјава да гласале? Може да се провери на граница дали овие луѓе кои наводно гласале на денот на гласање влегле во државата. Има такви неколку илјади луѓе во Скопје и во Кичево“, рече по изборите Таравари
Со хаштази на постот „ве насанкавме“ и „урбанагерила“, и Димитар Апасиев од Левица, најавува филибастеринг односно долга расправа за неговите приговори.
„Утре следуваат тужбите до Управен суд. Али, со печат“, напиша лидерот на Левица, Апасиев.
И ВМРО ДПМНЕ која бараше рачно пребројување на сите гласачки ливчиња но барањето едногласно беше одбиено од ДИК со образложение дека гласачките ливчиња веќе биле рачно преброени од избирчаките одбори, ќе поднесе тужба пред Управен.
Управниот суд има рок од 60 часа да одговори на сите тужби, по што ДИК ќе треба да ги соопшти конечните резултати од изборите одржани на 15 јули.





