Каракамишева за 2.013 ливчиња што ѝ недостигаат на ДИК: Ова е кражба на народот!

Професорката по уставно право Тања Каракамишева не отстапува од барањето за рачно пребројување на гласачките ливчиња, откако стана јасно дека во Заклучокот на Државната изборна комисија за објавување на резултатите од гласањето недостигаат 2.013 гласачки ливчиња.



Кога од 1.814.236 гласачи со право на глас ќе се одземат 942.334 лица кои гласале, се добива бројката од 871.902 лица кои не гласале, што значи дека толку треба да биде бројот и на неупотребени гласачки ливчиња. Но, според овој Заклучок на ДИК, неупотребени биле 869.889 гласачки ливчиња, што значи недостигаат 2.013 ливчиња.

„Ајде математичари да ве видам на дело, ако според ДИК недостигаат 2.013 гласачки ливчиња, колку гласови се изманипулирани со алатката позната како ‘бугарски воз’?“, прашува Каракамишева на Твитер.

„Членовите на ДИК да седнат и да бројат едно по едно ливче…НЕ ВЕРУВАМЕ ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС! ОВА Е КРАЖБА НА НАРОДОТ!!!“, додава поранешната членка на Венецијанската комисија.

„Поука од избориве? Една голема СДС е подготвена на сè за да остане на власт. Ваков историски поткуп, криминал, уцени, корупција не се видени досега. Изборите ги претворија во фарса! Чаре? На кримоси курнази курнаски се одговара! РАЗОБЛИЧЕНИ СЕ КОМПЛЕТ! ЌЕ БИДЕМЕ НАИВНИ ИЛИ ЌЕ ПРАВИМЕ ПРЕСВРТ?“, порача таа.