Села и Гаши се сомневаат во резултатите од изборите и бараат меѓународна потврда

Коалицијата „Сега е време“, составена од Алијанса за Албанците на Зијадин Села и од Алтернатива на Африм Гаши, бара од „меѓународните пријатели“, мислејќи на мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, верификација на изборните резултати, сомневајќи се во броењето на гласовите.



„Ја прифаќаме одлуката на суверенот, но не и манипулацијата со неговата волја. Недостиг на официјални информации, разни шпекулации, блокирање и напад на вебстраницата на ДИК и целата ситуација што е креирана, предизвикува многу сомнежи за процесот на броење на гласачките ливчиња“, велат од двете партии.

„Врз основа на ова, како и на извештаите дека на некои избирачки места имало полнење кутии, како на пример во Сарај, ‘бугарски воз’ во Општина Липково, потоа гласање за иселениците во Дебар или брутално полнење кутии во Зајас, Пласница и Кичево, но и информација дека овој феномен се случил дури и во чистите македонски населби, каде изненадувачки голем број гласови отидоа за ДУИ, сето ова вели дека изборниот процес е далеку од тоа што би сакале да биде и затоа за нас податоците за победничката партија се спорни“, се додава во заедничкото соопштение на коалицијата што освои 12 пратенички места.