Најдобрите македонски кошаркари ја совладаа селекцијата на Босна и Херцеговина со 71-67 и го освоија турнирот што од четвртокот во Скопје се одржуваше под името Трофеј Македонија. Три од три е одличен биланс особено што противниците и не беа лоши, и што ние не бевме комплетни. Посебно за истакнување е денешниот триумф против Босанците кои предводени од Душко Вујошевиќ водеа по првата четвртина 19-18, но цело време потоа беа во позиција да не бркаат, да се закануваат, но не и да не стасаат, по што од првата четвртина ние го контролиравме дуелот кој практично беше финале на собирот.
Македонија на сите аномалии денеска имаше сосема доволно атрибути да оди на полувреме со 40-35 и мирно да го добие соочувањето, а елементите се видоа во можноста за ротација, во одржувањето ритам, па и во фактот дека има лидер во Војдан Стојановски кој беше прогласен за МВП на турнирот. Кај нас денеска најефикасни Тасовски и Ѓуровски со по 12 поени, а двоцифрен беше уште Костовски.
Ова беше најдобрата проверка за македонските кошаркари пред почетокот на претквалификациите за Светското првенство. Тие се на програмата од 2 август кога гостуваме кај Косово. До тогаш тренинзи и уште една пријателска со Бугарија на 28. август во Ботев.





