По обвинувањата и пресудата со кои се соочи во поранешната татковина, екс-премиерот Никола Груевски планира да ја бара правдата во Стразбур, пред Европскиот суд на правдата, а не пред македонските судови, а со политика веќе нема намера да се занимава, вели Груевски во интервјуто за неделното издание на Франкгфуртер алгемајне цајтунг, негово прво за западен медиум по заминувањето од власт, пренесе Дојче веле.



Уште додека бил пратеник, тврди Груевски за ФАЦ, преку посредници му било нудено да гласа за Преспанскиот договор во замена за ослободување од кривичен прогон или намалување на казната. Тие посредници му биле директно испраќани од екс-шефицата на СЈО Катица Јанева и од премиерот Зоран Заев.

Новинарот на ФАЦ, Михаел Мартенс пишува дека водел три долги, повеќечасовни разговори со Груевски – два во Скопје пред неговото бегство во Унгарија, и еден во Будимпешта – со вкупна должина од повеќе од 6 часа. Повеќето од разговорите биле снимани, освен еден, кога двајцата опуштено разговарале во скопскиот ресторан „Пелистер“, каде според Мартенс, Груевски бил постојано поздравуван од гостите и од граѓаните кои сакале да се сликаат со него. Една ипол година подоцна, двајцата повторно разговарале во хотел во центарот на Будимпешта, каде Груевски објаснува дека побегнал од земјата поради страв за сопствениот живот. 

„Сите случаи против мене се исти: измислени, без никакви докази и политички мотивирани“, вели Груевски.

„Аудио снимките се манипулирани и сечени на различни начини“, тврди Груевски, додавајќи дека илегално стекнати снимки како „бомбите“ не можат да бидат доказ никаде во светот. Западот, тврди Груевски, не сака да ги критикува неправилностите во неговиот и многу други случаи, затоа што владата на Заев го реши спорот за името со Грција и ја внесе земјата во НАТО.