Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава.
Тоа треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и во средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.
Поради опасност од ширење на заразата со ковид-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред крајот на учебната година за МИА изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши околности на почетокот од 2020/2021 година.
Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи – рече Адеми.





