Светската здравствена организација (СЗО) го предупреди светот дека, кога станува збор за пандемијата од Ковид-19, „најлошото допрва доаѓа“.
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, вели дека вирусот ќе зарази многу повеќе луѓе ако владите не почнат да применуваат соодветни и правилни политики.
Неговата порака гласи: „Тестирање, траги, изолација и карантин“.
Од почетокот на пандемијата се регистрирани 10,4 милиони заразени од коронавирус, 507 илјади починати и 5,7 милиони оздравени. Половина од случаите отпаѓа на САД и на Европа, но Ковид-19 брзо се шири и во другите делови на Северна Америка, како и во Јужна Америка, но и во јужна Азија и во Африка, каде што пикот не треба да се очекува пред крајот на јули.
„Сите сакаме ова да биде готово. Сите сакаме да продолжиме со своите животи. Но, реалноста е дека ова не е ниту близу до тоа да е крајот. Иако многу земји постигнаа напредок, пандемијата, всушност, забрзува“, изјави Гебрејесус на видео брифинг.
Првиот човек на СЗО апелира што повеќе влади да ги следат примерите на Германија, на Јужна Кореја и на Јапонија, кои ширењето на вирусот го следеа со политики што вклучуваат ригорозно тестирање и „следење на трагите“.




