Во пресрет на вчерашната Донаторска конференција, Светската здравствена организаци (СЗО) побара повеќе од 30 милијарди американски долари за тестови, вакцини и третман на лица со коронавирус.
На крајот на април, СЗО и нејзините партнери покренаа меѓународна иницијатива наречена „ACT Accelerator“ за забрзување на развојот и производството и обезбедување на еднаков пристап до вакцините и терапиите против коронавирусот.
Вчера, на втората меѓународна донаторска конференција за борба против коронавирусот, свикана од претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лаејн, беа собрани 6,15 милијарди евра од Европската унија, САД и други држави.
Европската комисија заедно со Европската инвестициска банка за борба против Ковид-19 ветија дека ќе дадат 4,9 милијарди евра, Германија 383 милиони евра, САД 545 милиони долари, Канада 219 милиони долари и Катар 10 милиони долари.
На самитот присуствуваа претставници на 40 влади.
Собраните пари ќе бидат искористени за тестирање на Ковид-19, третман, развој и производство на вакцина, како и за помош на најсиромашните заедници.






