Полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сториле кривично дело и тоа ниту е мој избор, а ниту моја одлука. Уште повеќе доколку тие индиции се поткрепени со материјални докази, аудио или видео снимки, напиша синоќа на Фејсбук министерот за внатрешни работи во одговор на „прозивката“ од Зоран Заев по објавувањето на бомбата за Христијан Мицкоски и Орце Камчев.
„Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев.
Правда за граѓаните мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата. Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека после 15-ти јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата“, напиша Чулев на Фејсбук.





