Како да се државен непријател број 1: Музичката бранша на чекор од протести

Одлуката на Владата со уредба да забрани секакви музички настани на отворено и во затворени објекти предизвика гнев во музичката индустрија каде работат илјадници луѓе кои со месеци немаат никакви приходи а најчесто се без редовен работен однос.



“Целокупната музичка бранша во Македонија стрпливо чекаше изминативе месеци, заедно со повеќе други поврзани дејности да се создадат услови за нормално функционирање. Сега кризниот штаб ги олабавува мерките за сите освен за музичарите кои и натаму се неправедно оставени на немилост без никаков приход веќе 4 месеци.
Од името на сите музичари и други сценски уметници прашуваме како комисијата утврди дека музиката во некој објект која нема допир со никого е поопасна од пазарџиите, келнерите, од работниците во фабричките хали, мензи и автобуси и други далеку поризични групи кои непречено функционираат за време на кризата”, вели за expres.mk музичарот Баже Груевски Претставник на здружението на естрадни уметници на Македонија.

Во име на многу луѓе кои се оставени сами на себе без можност да заработат Груевски вели дека револтот кај илјадници луѓе од оваа запоставена дејност и нивните семејства е во кулминација и може лесно да доведе до социјални протести кои во услови на пандемија се најмалку пожелни.

“Апелираме до надлежните институции да ги прилагодат одлуките за да може непречено и безбедно да се одвива музичкиот живот како сѐ друго”, се вели во ставот на здружението чии членови сметаат дека музичарите не се поопасни за јавното здравје од огромен број други луѓе и професии чија активност не е забранета за време на коронакризата.