Лекарите се едногласни – солариумите немаат свои добри страни. Според нив, зрачењето во солариум е поопасно дури од сончањето на пладне. Запомнете, солариумите се одговорни за прераното стареење и зголемен ризик од канцер на кожа.
Според едно истражување, во кое биле вклучени 4000 лица, докажано е дека лицата кои почнуваат да користат солариум пред 35. година го зголемуваат ризикот од малигнен меланом дури за 75 проценти.
Постои вообичаена, но погрешна претпоставка дека сончањето во солариум е здрав начин да дојдете до потемен тен. Меѓутоа, интензитетот на некои УВ зраци во солариум може да биде и до 15 пати поголем од попладневното сонце, а познато е колку сончањето на пладне е опасно.

Постојаната изложеност на такви УВ зрачења ја оштетува ДНА на клетките со што се зголемува ризикот од развој на рак на кожа. Малигниот меланом, кој во голем број случаи завршува фатално, е најчестиот облик на рак кај лицата меѓу 15. и 35. година.
Во 2009. година Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ) ултравиолетовите зраци ги прогласи за највисок ризик од карцином, и ги вброи во категоријата „канцерогени за луѓето“.
Штетата која УВ зраците ја прават не може веднаш да се види. Таа се акумулира со текот на времето. Секогаш кога користите солариум ѝ штетите на вашата кожа, и ги зголемувате шансите за развој на тумор.





