Наспроти целосното отворање на Македонија за влез во државата без ПЦР-тест и карантин од петок, Хрватска од ноќеска повторно воведува задолжителна самоизолација од 14 дена за македонските државјани.
„Се утврдува посебен режим за влез во Хрватска на лицата што доаѓаат од БиХ, Косово, Србија и Северна Македонија. Тие лица ќе бидат должни да поминат во самоизолација 14 дена од влезот во Хрватска. Обврската за изолација не се применува на патниците што транзитираат низ Хрватска“, изјави првиот човек на Националниот штаб за цивилна заштита, Давор Божиновиќ.
Во Хрватска денеска се регистрирани 22 новозаразени од коронавирус, со што бројот на активни случаи се искачи на 136. Најново жариште е Задар, каде што неколку тенисери, меѓу кои Новак Ѓоковиќ, Григор Димитров и Борна Чориќ, излегоа позитивни на егзибицискиот турнир „Адрија тур“.





