Поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, како што најави вчера, реагираше со соопштение откако беа објавени аудио и видео снимки.
„Одлучно и во целост го демантирам контекстот на објавените аудио и видео снимки со мене. Ги отфрлам сите инсинуации и манипулации кои се со цел да бидам политички деградиран.
Заради објективно информирање на јавноста би сакал да го опишам контекстот на разговорите во снимките. Приметливо е дека снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив“, вели Дончев во соопштението до јавноста.
„За првообјавената снимка, се што имав да кажам за случајот Дијамед, јавно и официјално го изнесов како директор на Фондот за здравство. Случајот е тежок околу 200 милиони евра. Да не заборавиме, како што е општо познато во јавноста, во банка во Монако се замрзнати 9 милиони евра, а во Македонија 2,5 милиони евра, на име на поранешната „сопственичка,, Вера Иванова.
Дончев вели дека за овој случај имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни, а некогаш неформални.
„Целта секогаш беше да се најде најдобриот и најсоодветниот начин да се заштитат интересите на државата, но притоа ни во еден миг да не се загрозат услугите на пациентите на кои им е потребна дијализа. Токму во двете снимки, се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на Дијамед Македонија. Мојот став секогаш бил дека институциите на државата се единствени задолжени органи кои ќе го проследат овој случај“, вели Дончев.
За второобјавената аудио снимка и трето објавената видео снимка вели дека се од приватен карактер:
„Како што веќе беше објавено во некои медиуми, станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик“, појаснува Дончев кој очекува, како што вели, државните институции да си ја вршат својата работа.
Претеникот Антонијо Милошоски денеска јавно запраша зошто Ден Дончев најави соопштение а не прес конференција на која ќе одговара на новинарски прашања за аудио и видео-снимките.






