Искрите на релација Париз – Анкара по апсењето од Турција на четири лица за наводна шпионажа во корист на Франција го инспирираа францускиот претседател Емануел Макрон да проговори за „клиничка смрт“ на НАТО само половина година по неговата изјава за „мозочна смрт“ на Алијансата.



Апсењето се случи неколку дена по поморскиот инцидент во текот на кој турски воени бродови нишанеа на француска фрегата во Медитеранот.

„Турција игра опасна игра во Либија“, рече Макрон неколку дена откако воени бродови на Турција ја држеа на нишан француската фрегата „Корбе“, која се обиде да преконтролира товар на турски трговски брод на патот кон Либија. Но, морнарите на турските воени бродови ставија панцири на себе и зедоа в раце лесно оружје пред Французите да се откажат од акцијата.

Франција ја обвинува турската морнарица дека на фрегатата „Корбе“ нишанела со тешко оружје.

„Турско-францускиот поморски инцидент е доказ за клиничка смрт на НАТО“, изјави Макрон.

Непосредно пред говорот на францускиот претседател, турскиот весник „Сабах“ објави дека четири лица се уапсени поради шпионажа во корист на Франција, односно дека собирале информации за конзервативни фондации и за верски групи.

Еден од уапсените, пишува „Сабах“, бил припадник на Легијата на странците, по што работел како обезбедување во францускиот конзулат во Истанбул.