Обвинителката Вилма Русковска, не е задоволна од изречената казна од 9 години за Бојан Јовановски и 7 за второобвинетата во „Рекњет, Катица јанева.
„Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева, очекував помеѓу седум и осум години. Тоа беа моите очекувања, а што се однесува до осудениот Бојан Јовановски, апсолутно не сум задоволна. Реално не очекував под 10 години казна затвор“, изјави Русковска.
Според неа, најголемиот дел од милионите земени од Орце Камчев завршиле во џебовите на Јанева и Јовановски.
„Најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување. Со оглед на сè што си купувал, а без никаков приход, а и самите знаете, бидејќи вие доаѓате од медиумски куќи, колку чини финансирање на медиумска куќа на месечно ниво, особено што во тоа време, под договор на дело, кај него беа доста истакнати новинарски имиња“, додаде Русковска.





