Колку пати не сте можеле да станете од кревет или да седите на столче, а сè од една единствена причина – болка во грбот. Речиси секој современ човек денеска страда или почувствувал болка во грбот.



Најчесто таа е последица на лоша положба при спиење, седење, стоење или при нагло движење и подигање товар. Се манифестира како ненадејна, остра, до тапа и константна болка. Олеснителна околност при овој глобален проблем е што по првата епизода на болки во грбот, може да се превенираат или олеснат понатамошните тегоби.


Во повеќето случаи, болката во грбот не е последица на сериозни оштетувања на ´рбетниот столб. Долготрајната несоодветна положба на телото, неконтролираните и нагли движења, подигање товар, поддржано од слабата физичка кондиција доведуваат до истегање на грбната или ´рбетната мускулатура, вклештување и иритација на спинален нерв.


Првиот чекор за намалување на болката во грбот е со медикаменти: аналгетици, нестероидни антиинфламаторни лекови и миорелаксанси. Повеќето истражувања покажале дека користењето медикаменти и мирување подолго од неколку дена не ја намалуваат болката во грбот. Затоа е потребна физикалната терапија и кинезитерапијата, кои се ординираат и се спроведуваат од соодветни медицински лица, специјалист по физикална медицина и физиотерапевт.