Јубилеј: 75 години македонски правопис

„Ако во светот се зборуваат над 6.500 јазици, само неколку стотини од нив се во официјална, службена употреба. Македонскиот јазик со донесувањето на македонската азбука на 5 мај и на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се вброи во јазиците кои имаат свој правопис, своја официјална, службена употреба во една држава и кај една нација“, вели Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик, по повод 75 годишнината од правописот на македонскиот јазик.



Македонскиот правопис претставува услов без кој не се може и камен-меѓник за македонската државност и за градењето на македонскиот идентитет.

Кодификацијата на Македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани: Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава; Решението на Президиумот на АСНОМ од 5 мај 1945 година за македонската азбука и со официјалното усвојување на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година.

Според професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, македонскиот јазик е жив јазик и најголема радост за македонистиката е кога се развива јазикот и кога има кадар што го продолжува образованието и науката.

„Македонскиот јазик се изучува поради љубов. Тоа е жив јазик кој има линија на развој. Младите го почитуваат јазикот онолку колку што ние им овозможуваме да го слушаат македонскиот јазик во изворна форма, онака како што треба да го говорат и слушаат на соодветни места. Странските колеги, проучувачи и вљубеници во македонскиот јазик, на македонскиот јазик гледаат како на егзотичен јазик. А тоа е така затоа што македонскиот јазик е како бисер. Тоа е најбалканскиот балкански јазик!, смета Славица Велева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

(Република)